Петок, 12.03.2010
РСС / Маркетинг / Контакт
Секој Ден
      
Насловна > Гледишта > Каспаров: Економската криза ќе ги сруши Путин и Медведев
Каспаров: Економската криза ќе ги сруши Путин и Медведев
Лидерот на руската опозиција и поранешен шаховски првак Гари Каспаров изјави дека економската криза што ја зафати и Русија ќе ги принуди премиерот Владимир Путин и претседателот Димитриј Медведев да се повлечат од власта до 2012 година
Каспаров: Економската криза ќе ги сруши Путин и Медведев
- Не верувам дека сегашната структура ќе ја преживее кризата. Путин е преплашен и сака да се врати во Кремљ што побрзо - изјави Каспаров за Ројтерс.Претходно, Медведев предупреди дека притисоците од рецесијата веќе се чувствуваат во сите сектори од националната економија и вети државна помош за компаниите. Колапсот на цените на металите и на нафтата створи дополнителен притисок врз федералниот буџет, а петдневната војна со Грузија преплаши дел од инвестиротите што ги повлекуваат своите пари од Москва.

Каспаров, лидер на партијата Солидарност, се закани со големи улични протести што опозицијата ќе ги организира кога ќе се појави повисок степен на безработица. Официјалната статистика покажува дека стапката на невработеност во Русија е 5,3 проценти, но економските експерти предупредуваат дека таа ќе се зголеми со затварањето на производствените комплекси.

- Во САД и во Британија владата се обидува да ги реши проблемите и да им помогне на сиромашните на штета на богатите. Во Русија е обратно. Кремљ ги спасува олигарсите, на сметка на даночните обврзници - изјави опозиционерот.Портпаролот на руската влада Димитриј Пешков, реагирајќи на обвинувањата, го нарече Каспаров безначајна фигура, која не е ни на маргините на руската политичка сцена.

Парламентарната република би било самоубиство

Русија не може да биде парламентарна република бидејќи тоа би било самоубиство на руската држава, изјави рускиот претседател Дмитриј Медведев. Според него, предложените измени на Уставот, со кои се продолжуваат мандатите на претседателот и на народните избраници во долниот дом на парламентот, ќе ги стабилизираат надлежностите на Државната дума.

Рускиот парламент вчера и на второто читање ги прифати амандманите за измени на рускиот Устав, предложени од Медведев, според кои мандатот на шефот на државата се продолжува од четири на шест години, а на пратениците во Државната дума (долен дом на парламентот) од четири на пет години. За одлуката гласаа 351 од вкупно 450 пратеници.

Објавена: 20.11.2008 | 15:33
Прочитана: 543 пати
Тагови: Каспаров, економска, криза, сруши, Путин, Медведев,
  


Услови за користење / Изјава за приватност

Copyright © 2004-2008 All-Production. Сите права задржани
Developed by: Just5 Studio