
Апсолутен е триумфот на претставата „Тапани во ноќта“ на режисерот Мартин Кочовски, во продукција на Прилепски театар на годинашното 44. издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, кој заврши вчера во Прилеп. Таа освои награда за најдобра претстава, за најдобар режисер и за епизодна женска улога, за актерката Марија Спиркоска - Илиоска. Од театарот велат дека со ова само се потврдува исклучителниот квалитет на постановката, која веќе се закити со четири награди на минатогодишното издание на престижниот фестивал МЕСС во Сараево, а имаше и многу успешни изведби во Словенија, Хрватска, Србија. Според образложението на жирито на фестивалот, прилепската претстава е најдобро и најпрофесионално обработена, до најситните детали во играта на целиот ансамбл. - Некои сцени, како пеењето на Интернационалата спаѓаат во незаборавни, антологиски сцени, достојни за најголемите театри - вели Митко Маџунков, претседателот на жирито. На фестивалот актерот Елјеса Касо ја доби наградата за главна машка улога во претставата „Сијах Калем“ на Турскиот театар, додека актерката Билјана Беличанец - Алексиќ се закити со награда за најдобра женска улога за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на Драмскиот театар.
Извор: Време