Со признанието за скопската пиварница се докажува дека во Македонија има компании способни за производи со најдобар квалитет на светско ниво.
Македонската „кока- кола“ е највкусна на светот. Признанието за ова вчера пристигна во скопската пиварница директно од централата на компанијата „Кока-Кола“ од Атланта, САД, а ја донесе Тим Брет, претседател на „Кока-Кола Алпине- Адриатик“. Наградата е потврдена со постојано анализирање на квалитетот на производите на скопската пиварница во текот на целата година од страна на „Кока-Кола“ во светски рамки. Признанието како доказ дека во Македонија постојат компании способни за производи со најдобар квалитет во светот го прими генералниот директор на „Пивара Скопје“ Константинос Спанудис. За значењето на успехот на македонската фабрика, која е дел од групацијата „Кока-Кола Хеленик“ поразговаравме со регионалниот претседател Тим Брет.
- Оваа награда е за целата држава, за сите луѓе во Македонија, а не само за „Пивара“, иако компанијата е наградена за достигнување на највисоките стандарди во светот. Ова е признание дека македонската „кока-кола“ е највкусна во светот. Ние секојдневно земаме примероци од „кока-кола“, кои се тестираат во нашата лабораторија во Брисел. Резултатите од таму за скопската пиварница се извонредни. Сите потрошувачи во Македонија може да кажат дека пијат најквалитетна „кока-кола“. Ова е големо признание ако се знае дека имаме околу 600 фабрики во 178 држави во светот. Процесот на тестирање на квалитетот на пијалаците е како една фудбалска лига, во која „Пивара Скопје“ на крајот излегува како победник или шампион.
* Какви се плановите за инвестирање во регионот?
- Секогаш бараме можности за инвестиции со кои ќе ги задоволиме највисоките критериуми на потрошувачите. Инвестираме огромна сума во маркетингот, но и постојано ги унапредуваме производствените процеси. Така што, позитивен е одговорот на прашањето за инвестиции. Сакам да истакнам дека сега немаше да го прославуваме овој врвен квалитет на „Пивара Скопје“ ако не беше фактот дека имаше многу инвестиции во последните 10 години во оваа компанија.
* Какви се ефектите од глобалната економска криза врз работата на „Кока-Кола“ и каков е вашиот одговор на неа?
- Ние сме проактивна компанија. Работиме во најдобрата индустрија, продаваме момент на задоволство, продаваме освежување, во околу 200 држави низ цел свет. Точно е дека одредени држави ги чувствуваат економските предизвици од кризата. Но, една од големите придобивки што ги имаме со вака широко портфолио е што може да имаме рамнотежа во продажбата. На пример, во Македонија имаме многу канали за продажба. „Кока-кола“ може да се купи во супермаркет, киосци, на бензински пумпи, во ресторани, кафеанчиња, хотели. Па може да најдеме начин да ги балансираме производите и каналите за продажба за да обезбедиме пораст. И се' уште растеме.
* Која е тајната на „кока-кола“?
- Тајната е што сме исклучително освежителен пијалак за сите потрошувачи во светот. Има и тајна формула, која е заклучена во банка во Атланта, но јас не сум ја видел.
Марјан Блажевски, Дневник