Германски концерни вложуваат 400 млрд. евра за соларна енергија
Соларните централи ќе се градат во Африка, а од нив со струја би се снабдувале Германија и Европа
Берлин – Група од 20 големи германски концерни планира да вложи повеќе од 400 милијарди евра за изградба на соларни централи во Африка, а од нив со струја би се снабдувале Германија и Европа. Како што известува „Зидојче цајтунг“, повикувајќи се на член на управата на минхенската компанија за реосигурување, „Минхенер Рик“, подготовката на проектот би требало да почне кон средината на јули, а струјата од африканските пустини би пристигнувала за десет години.
„Минхенер Рик“ е втора најголема компанија за реосигурување во светот. Освен неа, во соларниот конзорциум би требало да бидат и Германска банка, енергетскиот концерн РВЕ и „Сименс“. Компаниите, и покрај кризата, подготвени се да вложат пари во соларни постројки, да дадат придонес во борбата против промената на климата и да направат Германија да стане водечка земја кога станува збор за зелените технологии.
Проектот под име „Дезертец“ би требало да покаже дека е можно под економски исплатливи услови да се добива струја од соларните колектори во пустина, на што научниците одамна работат. Доколку се оствари, „Дезертец“ ќе биде најголем проект во областа на обновливата енергија било кога започнат во светот. Најавено е дека подоцна во целиот проект би можеле да се вклучат и Италија, Шпанија и Франција.
Со проектот „Дезертец“ е предвидено соларни централи да се направат на повеќе локации во Северна Африка, а најважен критериум е постројките да бидат поставени во политички стабилни земји. Технички идејата на германскиот конзорциум, како што се истакнува, е целосно изводлива, а такви централи веќе има во Шпанија и во пустината Мохави во Калифорнија. Во овие централи преку големи огледала се собира сончева светлина, која потоа загрева специјални масла, а таа топлина подоцна се претвора во пареа што ги придвижува турбините.
Конзорциумот се надева дека „Дезертец“ ќе може да покрие 15 отсто од европските потреби за енергија, а конкурентни цени (под услов да нема дотации во енергетиката), би биле можни за 10 до 15 години. (Макфакс)