Австриската компанија ЕВН ќе ги замрзне инвестициите во Македонија се додека не се реши спорот со македонската Влада “ тврди Петер Лаер, заменик-претседател на групацијата ЕВН.

Според Лаер, ЕВН планирала во изминативе три години да вложи во земјава една и пол милијарда евра, но, поради лошиот третман од Владата, таа се премислила и не сака парите да ги фрла в бунар. - Бевме спречени да инвестираме. Не го добивме тендерот за изградба на ТЕЦ „Неготино“ и затоа планираните пари ги вложивме во градба на ваква централа во Валзум во Германија, чијашто моќност е производство на 850 мегават-часови електрична енергија. Да се изградеше таа термоцентрала во вашата држава, Македонија ќе беше извозник, а не увозник на електрична енергија “ изјави Лаер, на прес-конференцијата во Валзум, во „ЕВН Германија“. Тој нагласува дека според планот на ЕВН, компанијата имала намера да финансира во изградба на паркови на ветерници и во гасификација на Скопје, Куманово и на Крива Паланка, но поради дискриминаторското однесување на Владата, овие инвестиции нема да почнат. - Да се реализираа инвестициите на време ќе чинеа повеќе од една милијарда евра, а денес, тие ќе не чинат двапати повеќе, поради поскапувањето на потребната опрема за изградба на енергетските објекти “ вели Лаер. Првиот човек на „ЕВН Македонија“, Георг Валднер потврди дека има несогласување меѓу „ЕВН Македонија“ и македонската Влада околу износот на инвестициите. - Додека, Владата тврди дека ЕВН нема вложено ниту едно евро во земјава, туку тоа го има направено „ЕВН Македонија“, јас само ги потврдувам податоците на ревизорската куќа КПМГ, според кои, ние сме вложиле 108 милиони евра во изградба на 22.000 километри електромрежа во Македонија, како и на трафостаници и купување нови дигитални бројачи “ тврди Валднер. Според него, проблемот со различните информации што ги има ревизорот „Ернст и Јанг“, кој е ангажиран од Владата е во неговото толкување на реализираните инвестиции. - За „Ернст и Јанг“ инвестицијата е извршена само тогаш кога објектот е пуштен во погон, за КПМГ, инвестиција е секоја потрошена пара за изградба или обновување опрема или постројка “ вели Валднер. Тој рече дека за сите инвестиции е одговорна австриската ЕВН, која испраќала пари на сметката на македонската ЕВН.
Долгот кон ЕЛЕМ се разменува за тужбата во САД
Според менаџментот на ЕВН, тужбата во Вашингтон нема да биде повлечена, без разлика на резултатот од спорот меѓу ЕЛЕМ и „ЕВН Македонија“, освен ако македонската Влада не седне со ЕВН и не склучи обврзувачки договори со кои ќе потврди дека австриската компанија нема долг кон ЕЛЕМ. Услов е и да се решат отворените проблеми, кои ЕВН ги има како инвеститор во земјава.
- Ваквиот однос на дискриминација не може да не натера да си одиме од Македонија. Напротив, ние сме многу жилави. Сме преживеале многу работи, а се надеваме дека ќе го решиме и спорот со Владата, макар и на Меѓународен суд – вели Валднер.
(Време)