Четврток, 11.03.2010
РСС / Маркетинг / Контакт
Секој Ден
      
Насловна > Актуелно > Македонија > Заедничка визија за ЕУ и НАТО
Заедничка визија за ЕУ и НАТО
Влезот во ЕУ и НАТО е заедничка визија и цел на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, чија реализација треба да оди напоредно со интензивирање на меѓусоседските односи во духот на евроатлантската интеграција.
Заедничка визија за ЕУ и НАТО
За ова се согласија на претседателите на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора на мини регионалниот самит што неделава се одржа во Валона.

Претседателите Ѓорге Иванов, Бамир Топи, Фатмир Сејдиу и Филип Вујановиќ во прв план го ставија унапредувањето на слободното движење на граѓаните и бизнисот како услов за создавање на добрососедски односи и за отварање на перспективата на евроатлантските интеграции.

„Оценив дека од картата А3 стигнавме до картата А5, со цел тоа што го постигнаа Албанија и Хрватска да го постигнат и другите земји на регионот. Излеговме со заедничка идеја дека заедно во пракса ќе ги оствариме плановите. Посакувам оваа средба да биде проследена од други средби, каде секој од пријателите ќе биде домаќин. На оваа средба, претседателите дадоа многу важни опции за перспективна соработка на нашите земји“, изјави пред новинарите претседателот на Албанија, Бамир Топи.

На заедничката прес-конференцијата, што беше организирана по завршувањето на средбата, во фокусот на новинарите беа односите меѓу Косово и Македонија.

Претседателите Иванов и Сејдиу изразија готовност за градење добрососедски односи и за воспоставување дипломатски односи. Двајцата претседатели, прашањето на демаркацијата на границата меѓу Косово и Македонија, го нарекоа завршено прашање.

Претседателот на Македонија изрази готовност да соработува со Косово, на патот на зачленување во евроатлантските структури.

„Регионот одлучува за исти принципи и за исти вредности. Ова покажува дека регионот сега станува компатибилен и испраќа позитивна порака надвор од него. Тоа што беше незамисливо за нашите родители сега се остварува за идните генерации за да се живее во еден подобар свет. Ние успеваме да ги надминеме предрасудите од минатото и доказ за тоа се движењата меѓу нашите земји. Ние како државници имаме задача ова движење и оваа комуникација да продолжи и да се интензивира уште повеќе. Наша задача е да ја подобриме инфраструктурата на регионот и да создадеме подобри можности за комуникација. Нашата комуникација може да даде сигнал дека сме ги надминале пречките од минатото и дека сега е моментот овој дел од регионот да го видиме како дел од Европа. Ова им го должиме на идните генерации“, изјави претседателот Иванов.

Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, ја оцени средбата како исклучителна можност за меѓусоседска комуникација што отвара перспектива за регионален развој и интеграција.

„Вистина е дека е тешко, но има многу политички движења на нашите земји за еден ден бидеме бргу таму (ЕУ и НАТО). Позитивно е што многу земји од регионот се таму и сакале или не регионот, не може да остане без да ја исполни целосната карта на интеграциите. Се наоѓаме во едно ново време, се наоѓаме во едно време на заеднички придонес кон мирот и стабилноста, се наоѓаме во едно добро време“, изјави претседателот Сејдиу.

Претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, изјави дека нема целосна Европа без државите од Западен Балкан.

„Поставивме основа на конструктивните разговори и констатиравме дека нашата ориентација кон регионалниот развој е заедничка. Со претседателот Сејдиу дискутиравме за позицијата на црногорската заедница во Косово. Во Косово нема добар третман за црногорското малцинство, што ја докажува и нејзината незастапеност во Парламентот (на Косово). Ние сметаме дека ова прашање треба да се реши. Друг проблем е враќањето на раселените од Косово. Има повеќе од 300 раселени семејства кои се спремни за враќање и за тоа треба да размисли косовската Влада“, изјави претседателот Филип Вујановиќ. /крај/ртв21/ем/ег/

Објавена: 25.06.2009 | 10:40
Прочитана: 193 пати
Тагови: Заедничка, визија, Европска, Унија, НАТО,
  


Услови за користење / Изјава за приватност

Copyright © 2004-2008 All-Production. Сите права задржани
Developed by: Just5 Studio