Американскиот претседател Барак Обама ужива најголема доверба како светски лидер, а иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад и рускиот премиер Владимир Путин се со доста пониски показатели, покажува истражувањето на американската невладина организација "Ворлд паблик опинион", реализирано меѓу жителите на 20 земји.
Околу 62 отсто од анкетираните велат дека имаат извесна или голема доверба во Барак Обама, кој според нив ќе дејствува правилно во светските дела, пренесува МИА. Ниту еден друг лидер не ужива доверба, која надминува 40 проценти. На второ место во класификацијата со 40 отсто доверба се германскиот канцелар Ангела Меркел и генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун. Следи британскиот премиер Гордон Браун со 36 отсто.
Путин има доверба од 34 отсто од анкетираните, колку и францускиот претседател Никола Саркози. Рускиот премиер во Кина и во Индија има поддршка од околу 64 проценти. Во Русија, нормално, таа е дури 82 отсто, а во Украина неговиот рејтинг е повисок од оној на Обама, 57 наспроти 35 отсто. Интересно е што Ахмадинеџад, чија оспорувана победа на претседателските избори предизвика масовни улични протести, ужива доверба на 28 отсто од анкетираните.
(Вечер)