Трансферот на Карем Бензема од Олимпик Лион во Реал Мадрид може широко да му ги отвори вратите и на македонскиот репрезентативец Горан Пандев за трансфер од Лацио во Јувентус. Пандев, кој очајно посакува летово да замине од Лацио и да најде нов клуб, може да има голема корист од одењето на Бензема во Мадрид. Но треба да се поклопат неколку комбинации, па македонскиот репрезентативец од следната сезона да биде нов играч на најтрофејниот клуб во калчото, Јувентус.
Со заминувањето на Бензема од Лион, во францускиот тим остана празно местото за прв напаѓач. Лион доби 35 милиони евра за трансферот на Бензема и во наредниов период ќе биде во потрага по нов голгетер. На листата како можни нови играчи се споменува Французинот Давид Трезеге од Јувентус. Трезеге кој веќе има 31 години најави дека наскоро сака да ја напушти „страта дама“ и да се врати во родната земја. И Јувентус е согласен да го продаде Трезеге, доколку некој клуб реши да плати 10 милиони евра за неговиот трансфер. Со трансферот на Бензема, Лион може да си дозволи да потроши 10 милиони евра за нов играч, а со доведувањето на популарниот „трезе-гол“ ќе добијат поранешен репрезентативен напаѓач на „галските петли“ и еден од најдобрите голгетери во Европа во изминативе 10-ина години.
Во Јуве најавуваат дека сакаат да донесат „нова крв“. Како можен нов голгетер веќе подолго време се споменува името на Пандев. Гигантот од Торино веќе имаше контакти за доведување на Пандев, а се шпекулираше дека популарниот Гоче ќе потпише договор со Јуве, според кој ќе заработува 2,5 милиони евра по сезона. Тогаш главниот проблем го направи газдата на Лацио Клатудио Лотито, кој не сакаше да ја спушти цената за трансфер на Пандев и бараше околу 20 милиони евра за негово заминување. Сега се шпекулира дека Лацио ќе ја намали сумата и за заминување на Пандев ќе се задоволи и со 14 милиони евра, пари кои Јувентус би ги обезбедил речиси само од продажбата на Трезеге. Пандев би потпишал петгодишен договор, период во кој би заработил 20 милиони евра.
Пандев кој шест сезони помина во Лацио одигра над 150 меча за „небесносините“ и постигна повеќе од 50 голови. Неговиот актуелен договор му истекува на крајот од следната сезона. Пандев не сака да ги прифати условите за продолжување на нов договор со Лацио и јасно најави дека сака да си замине од „Олимпико“. Лотито се закани дека доколку летово не успее да го продаде Пандев за посакуваната сума, а Македонецот не го продолжи договорот со Лацио, тогаш може цела наредна сезона да ја преседи на клупата за резервни играчи како казна за неговата нелојалност.
За Пандев летово интерес покажаа неколку големи клубови и надвор од Италија. Се шпекулираше дека Ливерпул, Арсенал, Тотнем, Баерн Минхен, Олимпик Лион, Зенит, Шахтер Донецк..., сакаат да го водат во своите редови за следната сезона. Во сите случаи висината на трансферот беше клучна за откажувањето од намерите за доведување на Горан. Во Италија, покрај Јувентус се интересираат и Наполи и Палермо. Пандев најави дека доколку замине од Лацио, сака тоа да биде во поголем клуб. Можеби најдобро за него би било барем уште една сезона да остане на „чизмата“. Доколку и следната сезона игра во Италија, Пандев ќе може да добие италијански пасош. Со добивање на италијански пасош тој потоа ќе може секаде во Европа да настапува како домашен играч, што отвора место за нов странец во екипата. Засега Пандев настапува како странец во Европа, бидејќи Македонија се' уште не е членка на ЕУ.Иднината на Пандев и клубот во кој тој ќе настапува следната сезона, се' уште останува енигма. Пред да дојде во Лацио, Пандев настапуваше во Анкона, Специја, беше дел и од тимот на Интер, а кариерата ја започна во струмичка Беласица. Пандев има и 44 настапи за Македонија во кои постигнал 15 погодоци.
(Т.М.) (Дневник)