Со вонвременскиот концерт на големиот, светски познатиот италијански композитор Енио Мориконе, извонредниот настап на унгарскиот филхармониски оркестар „Гјор“, хорот на Македонската опера и балет и сопранот Сузана Ригачи, синоќа во Античкиот театар во Охрид беше отворено 49-то по ред издание на фестивалот „Охридско лето“.
Фестивалот за отворен го прогласи неговиот покровител, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, кој пред неколку илјадната публика во преполниот Антички потсети дека културата и уметноста се душата на народите, а нивниот дијалог и натпревар - иднината на светот.
- Денес кога светот е се помал и се поповрзан, а различните култури ги доживуваме взаемно и постојано на секој праг на нашето живеење, во нашата работа и творење, ние сме должни повеќе од кога било, да се радуваме, инспирираме и да уживаме во различноста и културното богатство на нашиот заеднички и споделен свет, рече Иванов.
Претседателот Иванов, меѓу другото, истакна дека Македонија избрала да се осмислува себеси преку постојана соработка и пријателство со другите, додека за Охрид дека е создаден по божја промисла да ги осветлува и осветува животите на сите намерници давајќи по еден бисер светлина за секој народ и секој човек.
- Искрено се надевам дека и оваа година овој вечен град ќе се воздигне низ звуците, гласовите и играта на многумина светски познати уметници и креатори, ќе ги задржи и погледите и воздишките на многубројните присутни гости и ќе ги разбранува и оживее сенките и убавините на вечно присутните древни култури, додаде претседателот Иванов.
Со свои обраќања присутните ги поздравија и претседателот на Управниот одбор на „Охридско лето“ Зоран Џорлев, а во име на уметниците што ќе настапуваат, актерот Дејан Лилиќ.
Маестро Мориконе пред настапот во Охрид рече дека вчерашниот настап му го посветува на претседателот на Република Македонија, во знак на благодарност за доделениот Медал за заслуги, за кој рече дека за него лично претставува мошне важно признание.
Со вчерашниот концерт беше подигната завесата на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата. На Охрид му претстојат 40 дена возбуда во кои ќе живеат сцените на Атичкиот театар „Св. Софија“, Центарот за култура, Долни Сарај, но и Градскиот плоштад и Заливот на коските. Тоа ќе се местата каде ќе се случуваат извонредно богати и атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите вљубеници во уметноста. Древниот Охрид и овојпат ќе угости водечки светски ѕвезди на класичната музика и театарот, а на многубројните туристи ќе им пружи задоволство своите летни одмори да ги минат во неповторлив природен и духовен амбиент.
Извор: Сител